Rambo TV Game – клон што ја донесе Атари магијата кај нас
Во 90-тите години, кога светот одамна беше свртен кон новите 16-битни генерации, кај нас дури тогаш започнуваше магијата на домашниот гејминг. Во период кога оригиналните Atari 2600 конзоли беа речиси невозможни за пронаоѓање, на нашите пазарчиња, продавници и кај трговските патници се појави еден интересен феномен наречен Rambo TV Game. Евтин, шарен, лажно ветувачки „американски“ производ со илјадници игри, но зад неговото гламурозно име се криеше нешто уште поважно – врата кон светот на видеоигрите за многу од нас.
Клон од Тајван со локално срце
„Rambo TV Game“ не е вистински производ на Atari, туку клон произведен во Тајван во раните и средни 90-ти години. Се базира на така наречената 2600B серија, која ја обединува целата логика на оригиналниот 2600 во еден чип. Конзолата обично доаѓаше со 30-тина вградени игри иако на кутијата најчесто стоеше „25.000“ или „1.000.000“, што беше чист маркетинг трик. Џојстиците беа целосно компатибилни со оригиналот, иако тие беа поретки понекогаш можеше да се најде и модел со слот за картриџи кој беше целосно компатибилен со оригинални Атари игри. Производителот никогаш не беше јасно наведен затоа „Rambo“ не е бренд, туку име што го додаваа увозниците за да го направат производот попривлечен. Слични уреди постоеја и под други имиња како Diablo 128 или Television Computer System, сите користејќи го истиот хардвер.
Дистрибуиран низ Источна Европа – и кај нас
Овие конзоли се продаваа низ цела Источна Европа, Русија и делови од Блискиот Исток. Забележани се примероци со арапски натписи на пакувањето, што значи дека се пласирале и на пазарите во Египет и Саудиска Арабија , но нема конкретни докази дека таму се произведувале како што имаше шпекулации во тоа време.
Во Македонија „Rambo“ можеше да се најде на најразлични места. Се продаваше во електронски продавници, но најчесто можеше да се купи на пазарите и трговците кои носеа роба од соседните земји. Јас лично се сеќавам дека ова беа првите конзоли кои масовно се појавија кај нас и се продаваа по пристапни цени.

Нашето прво прозорче кон класиката
Голем дел од класичните Atari наслови кај нас првпат ги видовме токму преку „Rambo“. Игра како Fishing Derby, Outlaw, Stampede, Boxing или Space Jockey – сите тие беа дел од легендарниот „128 in 1“ список. Некои игри имаа чудни бои или звук поради NTSC-во-PAL конверзијата, но тоа не ни беше важно, важна беше магијата.
Што се крие под капакот?
Иако изгледа едноставно, оваа конзола е вистински технолошки компромис:
- Еден-чип решение што ги комбинира TIA, CPU и RIOT
- ROM со вградени игри
- PAL видео излез (понекогаш со D/K звук)
- 9-пински џојстик порти
- Некои модели со и без слот за картриџи
Конзолата беше евтина за производство и затоа лесно достапна за секого. Денес, повеќето примероци што преживеале имаат траги од употреба или се без оригинална кутија, но најчесто и понатаму се наоѓаат во работна состојба, без оглед на евтините материјали од кои биле изработени.

Дел од мојата колекција
Јас лично ја имам оваа конзола во мојата колекција и секогаш кога ќе ја погледнам, ме враќа во едно поедноставно време кога гејмингот не беше индустрија од милијарди, туку чиста радост. „Rambo TV Game“ не е само пиратски клон, тоа е сведоштво за тоа како технологијата патувала низ светот и како на свои начини стигнувала и до нас.
Trivia – интересни факти
- На кутијата често се користеше ликот на Силвестер Сталоне од „Rambo“ без никакви авторски права.
- Многу примероци имаат погрешно насловени игри – „Enduro“ како „Super Ferrari“, „Atlantis“ како „Curtiss“.
- Џојстиците се целосно компатибилни со оригиналниот Atari 2600.
- AV модификација е можно да се направи, но бара поинаков пристап поради сингл-чип архитектурата.
- И покрај ознаките „9999 игри“, најчесто има само 128 или 32 уникатни наслови.
Денес „Rambo TV Game“ се појавува на колекционерски пазари и може да се купи по релативно ниска цена. Но нејзината вистинска вредност не е во бројките, туку во сеќавањето. За многумина од нас, оваа конзола не беше само играчка, туку првиот чекор кон светот на видеоигрите.