Ghosts ‘n Goblins една од најтешките и воедно една од најдобрите видео игри некогаш направени
Ghosts ‘n Goblins (Духови и Гоблини), позната како Makaimura (јапонски: 魔界村- „Demon World Village“) во Јапонија, е видео игра развиена од страна на Capcom и прво објавена како аркадна игра во 1985 година. Таа всушност е првиот наслов во Ghosts ‘n Goblins франшизата и оттогаш е издадена на повеќе домашни платформи.
Истата има постигнато голем комерцијален успех како аркадна игра, но исто така постигнала голема популарност и кај домашните системи.
Се вбројува во првите десет аркадни игри со најголема заработка за 1986 година во Јапонија и САД, шеста најпродавана компјутерска игра во Обединетото Кралство во истата година , а верзијата за NES се има продадено во над 1,6 милиони примероци ширум светот.
Често оваа игра се наведува како една од најтешките игри на сите времиња, а ретроспективно се смета за една од најдобрите видео игри некогаш направени!
Во самата игра, играчот го контролира витезот по име Сер Артур, кој мора да победи: зомби, огрови, демони, киклопи, змејови и други чудовишта за да ја спаси принцезата Прин-Прин, која е киднапирана од Астарот (исто така наречена Ѓавол или Големиот Сатана), крал на „светот на демонот“- „Demon World“.
Додека играте може да земете ново оружје, бонуси и дополнителни оклопи кои можат да помогнат и да ви бидат од корист за успешно да ги поминете нивоата. Но, секое оружје треба внимателно да се одбира кога да се земе и како да се користи, бидејќи истото може да биде и хендикеп во некои ситуации.
Играчот може да биде погоден само двапати пред да загуби живот, прво го губите оклопот, а потоа и живот. Губењето живот ќе резултира со рестартирање на нивото или започнување на половина од патот до каде имате претходно стигнато. Понатаму, играчот ќе загуби живот ако нивото не се заврши во одредено време. Играта е навистина тешка, мора повеќе пати да поминете одредени нивоа за точно да ги научите шемите на движење на непријателите и препреките кои излегуваат на вашиот пат!
Доколку ја немате играно или не знаете како играта завршува, самиот крај на истата крие изненадување, но ќе оставам сами да откриете какво. 🙂
Ghosts ‘n Goblins како што напоменавме претходно е издадена на многу домашни платформи (конзоли) и компјутери, како што се: Amiga, Amstrad CPC, Atari ST, Commodore 64, Commodore 16, Nintendo Entertainment System, Game Boy Color, IBM PC compatibles, MSX, and ZX Spectrum.
Доколку го имате потребното, тогаш може да го прифатите предизвикот и да пробате да ја изиграте до крај! 🙂