Хардвер

Ерата на проѕирните дизајни

Во 80-тите години, но и во 90-тите боите на производите беа клучна алатка на маркетингот, посебно светлите бои беа во мода, почнувајќи од облеката, па се до играчките за деца. Што се однесува на пазарот со игри самите производители и не експериментираа многу на ова поле, односно се беше во знакот на црното и белото, со одредени исклучоци. Но, во средината на 90-тите Nintendo почнува да издава уреди во разни бои вклучувајќи го тука и првиот GameBoy модел со проѕирно (транспарентно) куќиште.

GameBoy Clear Case

Според дизајнерите идејата била самиот уред да се донесе поблиску до играчите, односно тие да можат да ја видат технологијата на нивната рачна конзола. т.е како всушност изгледа таа. Целта била оваа транспарентност да создаде поголема поврзаност помеѓу корисникот и уредот.

Всушност Nintendo не застанува тука, лансира цела линија на проѕирни односно транслусидни уреди од кои најпознат е GameBoy Color The Atomic Purple version од 1998 година , но не само рачни уреди, туку и производната линија на N64 добива различна палета од транслусидни бои: Smoke Black, Jungle Green, Fire Orange, Ice Blue, Watermelon Red, Grape Purple / Midnight Blue. Секоја верзија од овие модели изгледа едноставно одлично и денес истите имаат поголема вредност од обичната варијанта, а некои модели кои се поретки се и поприлично скапи.

GB The Atomic Purple Wikipedia

Добрата вест е тоа што од Nintendo не се плашеа да експериментираат, но полека со почетокот на 21 век овој тренд почна да забавува. Други компании кои извадија модели со делумно проѕирни куќишта беа Micorosoft (XBOX), додека од SONY беа претпазливи и мислам дека имаа само ограничена, односно промотивна серија на PS2 издадено во мал број.

Што се однесува до компјутерската индустрија можевме да видиме повеќе изданија, најчесто од страна на Apple каде што применуваа проѕирни и транслуцидни компоненти во своите производи. Еден од познатите уреди е iMac G3.

iMac G3 Wikipedia

Денес како се да се вратило на почетокот, играчките конзоли се повторно црно-бели, со исклучок на Nintendo, а доколку сакате проѕирно куќиште за вашата омилена конзола може да најдете само неофицијални third-party верзии.

Според многумина овој тренд не е повеќе интересен за маркетингот, односно нема доволен таргет. Од друга страна доколку гледате проѕирен GameBoy или XBOX, всушност не гледате во ништо интересно. Нема делови што се движат, гледате само гумици, плочи, електрични компоненти и слично, ништо посебно на прв поглед. Можеби ова е една од причините за падот на овој тренд кај играчките конзоли. Но, од друга страна пак денес е модерно да поседувате десктоп компјутер со провиден страничен панел, каде може да видите каква ”машина” има во куќиштето. Секако тука се и различните ЛЕД модови кои се достапни и обичнатата досадна композиција може да ја претворат во вистинско лајт шоу.

Во секој случај ”шаренилото” кое најмногу беше промовирано од страна на Nintendo внесе една свежина во светот на игрите и навистина е одлично чуство да поседувате ваков модел или пак да купите од лесно достапните кинески куќишта и со тоа да ја освежите вашата омилена играчка конзола, а ако ве бидува за електроника можете и да направите некоја интересна ЛЕД модификација.