Колку денес вреди SEGA-MEGA DRIVE?
SEGA MEGA DRIVE за прв пат се појавува во 1988 година по цена од $621 (цена со пресметана инфлација). Со нејзиното лансирање многу нешта се променија на пазарот за игри и SEGA стана сериозен натпреварувач на ова поле. После 34 години оваа конзола е сеуште барана и омилена низ целиот свет, но која би била реалната вредност на овој хардвер денес, после толку многу години?
Секако цената зависи од тоа колку самата конзола е сочувана, со каков комплет доаѓа и слично. Најскапи се примероците кои се најдуваат во целосното пакување и може да достигнат цена и до 250$, но ваквите примери се навистина ретки во денешно време. На светскиот, па ако сакате и на нашиот пазар најчесто оваа конзола може да се најде во користена состојба, со видливи траги на употреба и просечната цена се движи некаде околу 25 до 35 долари (1500-1800) денари! Додека реставрираните или надградените конзоли на кои се заменети некои од старите делови кои најмногу се амортизираат со текот на времето може да достигнат цена од 75 до 150 долари. Значи овие се податоци кои важат за светскиот пазар, но што точно се случува кај нас?
Генерално, просечната цена за половна конзола од овој тип сметам дека би требало да биде околу 1500 денари, но сепак цената зависи од повеќе фактори (како што напоменав во погорниот текст). Но што всушност добивате кај нас за таа сума или пак во случај ако платите нешто повеќе? Од мое искуство добивате буквално 30 + години стара конзола, која не била штедена и најчесто во неа се најдуваат оригиналните фабрички делови (нема надградби и реставрации). Ова важи скоро за сите конзоли кои што сум ги набавил со текот на годините, нивната состојба секако дека варира, но од кога ќе ја купите потребно е детално да ја проверите самата електроника! Очекувајте многу прашина за почеток, проверете дали има подуени кондезатори, откачени компоненти или некои изгорени делови и слично. Проблемот е што ваквите работи низ годините не се добро складирани и појавата на корозија е многу честа, а и надворешната пластика често знае да биде валкана или физички оштетена. Значи за таа цена треба да го направите овој компромис ако сакате да поседувате вакво парче технологија, сепак ако со конзолата доаѓаат солидно сочувани контролери, кабли, адаптер и слично, цената од околу 30$ и не би била толку лоша зделка.
Но, најскапи примероци се оние кои се целосно запакувани, т.е никогаш не биле отоврени! За ваков примерок може да добиете или да дадете над 500$, но ваквите прилики се навистина многу ретки!