Јас и Аркадните Машини
Како дете родено во средината на 80-тите и израснато во помал град, конкретно Кичево, би можел да споделам едно животно искуство кое ме поврзува со целиот тој свет на акрадните машини, од нивното осознавање па се до моментот кога почнав сам да ги изработувам, и до ден денес каде што сите заедно градиме една заедница од љубители на секаков вид ретро игри, игри со кои сме поминале и сеуште создаваме убави спомени.
Кога си дете гледаш со поинакви очи кон светот, проблемите не дека не постоеле тогаш, но некако истите не заобиколуваа, зошто секогаш се посветувавме на радосните работи, со страст знаевме да се радуваме и на најобичните нешта. Можеби некој ќе рече дека тоа беа поедноставни или други, подобри времиња, можеби е така, можеби денес фали таа едноставност во животот, можеби фали еднаквоста и оптимизмот, или пак едноставно времето само си тече и се се менува, некогаш на подобро, некогаш и не!
Живеев на периферијата од градот, како дете растено во транзиција имавме онолку колку што имаа и другите, не можевме да си дозволиме луксуз, ( за тие што незнаат и непаметат тоа беа тешки времиња за економијата, Македонија беше нова држава и се висеше на конец, но опстоивме иако тогаш беше најтешко, го имавме мислам главното оружје, а тоа е оптимизмот и вербата дека ќе дојде подобро време!)
На периферијата од градот не се случуваа многу работи, но сепак во близина имавме среќа да биде лоцирано едно од најдобрите училишта во целата држава (за тоа време) и секако само тоа по себе си привлекуваше отворање на локални бизниси, а тоа најчесто беа “флиперници”. 🙂 Е сега, како изгледаа овие флиперници, се сеќавам на првата што лично отидов да ја видам, но само да знаете дека родителите некогаш не ни даваа ни улицата да ја преминеме, а камоли да одиме по флиперници, но нејсе, тоа беше барака од буквално неколку квадрати со 2-3 аркадни машини, и знам дека изиграв игра со авиони, мислам дека беше Aero Fighters или некоја налик неа, и БАМ, бев заразен со целиот концепт на видео игри! Оваа флиперница набрзо беше затворена и ако паметам добро следната што се отвори беше нешто подалеку, односно во друга населба. Да се оди тамо требаше да се оди во група, зошто тоа беше “туѓа територија”, ние бевме како натрапници за дечките од тоа маало и ако те начекаа сам да играш, можеше лесно да останеш без џепарлакот од 10 денари, хехехе. Но ваквите работи, не направија само појаки и создадоа другарства кои и ден денес траат и другари кои уште се Gamers to the bone!
Нешто подоцна се отвараа и затвараа играчници низ целиот град, но ретко кога можевме да отидеме во тие далечни и неистражени простории, сепак некој повозрасен требаше да те однесе и врати, најдобро се сеќавам на летните панаѓури, тогаш моите ме носеа и имаше лудило од аркади на тие места. Дефинитивно Operation Wolf ќе ми биде запаметена од овие настани, тој кабинет со УЗИ на него, не можев да оддолеам а да не играм, иако едвај го гледав екранот, (прилично висок кабинет) но, уживав во целата пукотница, хехе.
И што се случува понатака, некаде средина на осмолетка, 6-то одделение можеби, братучедми кој беше постар од мене и работеше во Германија реши да отвори бизнис во Кичево и тоа да биде видео играчница! Но внимавајте, не обична играчница, туку нешто најголемо до тогаш видено во градот. Секако јас немав дозвола од моите родители да одам тамо, бидејќи не само што беше на другата страна на градот, но знаете, таму по флиперниците лоши навики може да се стекнат. 🙂 Една ден се сеќавам беше летно време, играв со другарите надвор и братучедми дојде и ми вика, ајде идај со мене да ми помогнеш околу флиперите, треба да се зачисти и слично. И колку и да немав дозвола да одам, желбата беше несопирлива, не се јавив дома, без прашање, заминав со него, без разлика на последиците од тоа каква казна ќе добијам кога ќе ме разберат моите! И нема да лажам кога влегов во локалот/просторијата се чуствував како Sam Flynn од TRON Legacy кога влегува во Flynn’s arcade 😀 Преку 40 акрадни машини, флипери, пикада, билјард и што уште не!
Братучедми ги пушти сите да работат, врева, светла различни од сите страни, мене мозокот хиперкативен (200-та на час), касите на сите машини беа отоврени, така да можеше да се куцаат жетони слободно, и му викам, како бре ќе работиме (конкретно да чистиме) кога само едно ми беше на памет, да ја изиграм секоја игра што ќе ми излезе пред мене! Ме виде дека очите ми светат како лампиони и ми рече, седнувај има да ги извртиме сите игри до една, хахаха кој филинг, не можам да опишам! Седнавме и игравме игра по игра, секако успеавме да свртиме една или две, но тој ден ќе ми остане како едно многу убаво сеќавање!
За жал бизнисот не му се одржа доволно долго, и се што остана од играчницата означено како хаварисано (мали кварови), не искористено и слично по некоја случајност заврши во нашиот подрум. Сред подрумот имаше маса за билјард која не работеше, но беше добра за да се вежбам да удирам со штека, хех. Многу мака ми е што имаше премногу плочи (игри) што како дете не ги разбирав и ги расфрлав наваму натаму, а верувајте беа можеби стотина. Се тоа траше до денот кога целата опрема се исфрли или раздаде, можеби и за без пари, за да се очисти самата просторија.
Во меѓувреме се отворија уште две помали играчници околу училиштето со стандард аркадни наслови: Dinasours and Cadilacs, Pang, Bouble Bouble и слично. Овие играчници беа нај активни за време на школските денови, но што се случуваше на лето? Е на лето, не праќаа на село, конкретно село Цер (поздрав до сите церани кои ме читаат)! Едни од најубавите години што ги имав, природа и неопишлива убавина! Таму те чекаат баба и дедо, другари од многу градови доаѓаа тука на летен распуст, деца колку сакаш! И нормално, мора да има играчница и тамо хехе, кога и да го чујам звукот на NEO GEO интрото ме потсетува на селската играчница и играта KOF, каква само дружба, кои само добри ликови и настани ми останаа во сеќавање, за мене лично време и спомени вредни повеќе од злато!
Нешто подоцна, во центарот од градот се отвори Прагма, каква што имаше и во центарот на Охрид! Тоа беше светски, огромен простор, немаше што немаше, акради, симулатори, ма имаше се! Е тогаш, веќе бев постар, можев да одам таму, т.е едно време често одев, омилени ми беа симулаторите на SEGA, но веќе почнуваа “тие” години и интересот полека ми се насочуваше кон други работи! 🙂
После долго време од пуста носталгија решив да купам една користена аркадна машина, но не ми се допаѓаше како изгледа па се одлучив козметички да ја подсредам малку, и така почна една нова ера, ера на реставрација и изградба на аркадни машини. Тоа беше некаде пред 10-тина години и мислам дека бев првиот што почна да продава онака јавно по огласи custom build arcade cabinets, барем во тоа време немаше никаква понуда, а и години наназад немав забележано ништо такво. Како и да е, изработив повеќе машини, некои беа редизајнирани, а некои направени од нула, едноставно уживав во изработка на нови и различни дизајни. Ваквото хоби ми беше навистина интересно, воедно имав неколку интересни случки што би ги издвоил.
Во тоа време мојата омилена машина RETRON ја објавив на некоја странска група за аркадни машини, и толку им се допадна што заврши во специјален прилог на веб портал наменет за аркадни машини во САД (штета што не зачував скриншоти). Потоа имаше случка каде ми се јавија и ми ја бараа истата машина за во спот на Слаткар, конкретно за Тик-Так песната, но логистиката не беше добро организирана, па за замена дечките успеале да ја најдат првата акрадна машина што ја редизајнирав и дадов во Скопје, (може да се види на 1:46 мин) во самиот спот. Имаше и други интересни моменти, но имаше и големи нервози, но во некој чуден сплет на околоности и како причина на ова хоби доживеав и одреден и навистина прекрасен период во мојот живот.
Денес каде и да одам и видам играчница ако сум во можност седнувам да изиграм некој жетон, но не е се до самиот хардвер или софтвер, спомените ги прават и луѓето кои дирекно или индирекно биле или не со вас, во тие моменти кога сте оделе, играле, сте им барале да ви дадат џепарлак, или можеби се загубиле во гужвите додека ве чекале да доиграте. 🙂
Некои од нив не се веќе меѓу нас, некои пак одлучиле да не бидат со нас, а некои се уште тука и знаат да речат, ајде да видиме дали сеуште работи последната играчница во градот! Сите вие сте дел и ќе продолжите да бидете дел од едни убави спомени кои што се надевам на кратко успеав успешно да ви ги прераскажам.
Бидете живи и здрави и почесто играјте ретро игрици! 🙂