Resident Evil, пионер на модерниот Survival Horror?
Кога ќе се спомене Survival Horror жанрот, Resident Evil и Silent Hill се првите игри што ќе им паднат на ум на повеќето денешни играчи.
Заедничко за survival horror игрите е тоа што дејствијата се случуваат во краток временски период и во својот гејмплеј содржат истражувачки елементи во кои се пребаруваат разни локации трагајќи по корисни предмети а се со цел за да се заврши хоророт што побрзо. Хероите во игрите најчесто имаат ограничени ресурси така што борбата против непријателите е секогаш во втор план. Суштински дел се исто така и загатките кои се тука да ве забават во реализирање на целта во играта, карактеристично е што повеќето се играат од трето лице и самата приказна е раскажана низ општ кинематографски впечаток.
Не е тешко да се дојде до заклучок дека survival horror комбинира елементи на игри од различни жанрови а се со цел да се создаде специфична атмосфера на постојана тензија, но каде се корените на овој популарен жанр?
Постарите играчи ќе се сетат на Alone in the Dark и токму тој наслов ќе го оценат како вистински зачетник на Survival Horror жанрот меѓутоа освен технички сличната изведба, 2D позадини со 3D ликови и авантуристички елементи преземени од PC авантурите, Alone In The Dark нема ништо слично со Resident Evil и модерните survival horror игри. Дополнително трендот на правење игри со 3D ликови на 2D позадини доживува експанзија со појавата на Playstation, но секако постојат игри со слично решение помеѓу 1992 и 1996 година, па затоа е многу тешко да се каже дека Resident Evil го презел дури и тоа од Alone In Dark. Да биде иронијата поголема, оживувањето на серијалот со Alone in The Dark 4 (2001) претставуваше клон на Resident Evil, што нештото доволно говори за тоа каков импакт остави самата RE франшиза

За да ги образложиме корените на Resident Evil ќе се вратиме 1989 година.
При едно интервју, креаторите на Resident Evil, споменуваат дека нивната вистинска инспирација за првиот Resident Evil била малку позната игра на Capcom од 1989 година – Sweet Home (NES), која официјално не е излезена надвор од Јапонија поради строгата цензура на Nintendo of America која не дозволувала крв и насилство во игрите. Од друга страна пак во Јапонија играта била мошне добро прифатена а пред се поради тоа што била инспирирана од нивниот тогаш популарен хорор филм „Suito Homu“

На прв поглед, Sweet Home изгледа како класична јапонска RPG игра за NES, но контролите повеќе наликуваат на класична авантура отколку на тогашните RPG игри. Во играта, исто како и во Resident Evil, постои осамена куќа длабоко во шумата каде што главните протагонисти влегуваат и остануваат заробени внатре, ликови кои претставуваат ни помалку ни повеќе специјален истражувачки тим или нешто што е еквивалент на Bravo Team од Resident Evil.
Sweet Home става акцент на решавањето загатки, играчот мора да се врати на претходните локации за да реши загатки користејќи предмети стекнати низ играта.
Исто така управувањето на предметите е со ограничениот инвентар така што играчот мора да прави стратегија што ќе понесе со себе. Елементи кои Resident Evil успешно ги копира и ги имплементира.

Од другите сличности карактерисично е и тоа што единствениот начин да се врати здравјето на карактерите во Sweet Home е преку тоници расфрлани низ собите во вилата односно пандан на хербалните растенија од Resident Evil кои ја враќаат енергијата на Џил и Крис.
Тука е и добро препознатлива анимација на отварање врати која во Resident Evil е успешно искористена како маска за да го прикрие loading-от во самата игра.
Влијанието на Sweet Home во Resident Evil серијалот не застанува тука и продолжува и понатаму низ франшизата. Во Sweet Home можеш да контролираш 4 лика наизменично, секој со посебен сет вештини.

Resident Evil Zero од 2002 година презема директна инспирација од тоа и на играчот му овозможува да контролира наизменично два лика, Ребека и Били, секој со посебни карактеристики и вештини кои меѓу себе можат да оставаат предмети било каде на мапата за другиот лик да ги собере.
Од денешна гледнa точка Resident Evil претставува една од највлијателните видео игри на која и се припишува дефинирањето и популаризацијата на survival horror жанрот насочувајќи го кон кинематографски правец со квалитетна визуелна нарација и модернизирајќи го во квалитетно 3D играчко искуство, но сепак длабоко во сржта Resident Evil ќе остане своевиден спиритуален наследник на малку познатата Sweet Home за Nintendo (NES)