Хардвер

Продолжување на наследството на SEGA преку TecToy: Чудесната фабрика од Бразил

TecToy е компанија од Бразил основана во 1987 година. Нивната цел била производство на електронски играчки и други апарати за широка потрошувачка. Согледувајќи го потенцијалот на пазарот со игри, менаџментот на оваа компанија се обидува да добие лиценца за производство на видео конзоли и се обраќа на SEGA. Во тоа време, пазарот во Јужна Америка главно бил покриен со Famiclones (клонови на Famicom). Поради лошото претходно искуство со давање лиценци на нови и не толку познати компании, SEGA им го одбива нивното барање. Но, благодарение на упорноста на TecToy, тие успеваат во 1988 година да добијат лиценца за производство на Zillion светлосниот пиштол. Овој производ се покажал како успешен, со што официјалните претставници во 1989 година им ја доделуваат лиценцата за производство на Sega Master System. Ваквиот чекор ќе го промени целокупниот пазар на видео игри во Бразил, но ќе има и одредено влијание и врз останатите земји во Јужна Америка, па дури и во Европа.

 Zillion pistol

Сега е важно да се објасни како функционираше пазарот во Бразил тогаш, а може да се каже и денес. Тие имаат строги политики кога се работи за увоз на производи од странски земји. Оваа политика има за цел да го поттикне домашното производство и, на некој начин, да ги примора странските фирми да инвестираат во погони во самата земја.

Бразил е 5-та најголема земја во светот и, итекако, е привлечен пазар за компаниите. Но, да се инвестира во сопствени погони во странска држава е секогаш ризик и прашање колку е тоа исплатливо.

За пример, ако еден Sony PS4 чинел 399 долари, истиот во Бразил се продаваше за дури 1800 долари, и тоа само поради високите такси и давачки. Затоа од Sony едноставно се повлекоа од овој пазар, единствено компанијата Microsoft имаше свои погони, и одреден период ја произведуваше нивната конзола Xbox 360 во оваа земја.

Поради оваа специфична ситуација, најисплатливо решение било да се постигнат договори со веќе постоечки компании од Бразил и да им се отстапи лиценца, како што направиле TecToy и SEGA.


Ваквата одлука се покажала како полн погодок за двете компании. TecToy располагала со феноменален менаџмент и носеле брилијантни одлуки во полето на маркетингот. Тие го локализирале пазарот, преведувајќи многу наслови на португалски јазик и извршувајќи разни адаптации на игрите, каде што главните ликови ги заменувале со локални цртани или стрип карактери. Издавале игри кои беа достапни само на Game Gear за нивната верзија на Master System, но исто така располагаа и со многу ексклузивни наслови како: Street Fighter 2 (1997), Fire & Ice (1995), Férias Frustradas do Pica-Pau (1995), Battletoads in Battlemaniacs (1996), Baku Baku Animal (1996), Quest for the Shaven Yak Starring Ren Hoëk & Stimpy (1995), Dynamite Headdy (1995), X-Men: Mojo World (1996) и други.

Master System III Compact и Master System Super Compact by Tectoy

Интересна приказна имало кога од TecToy ги барале правата за играта Street Fighter од Capcom. На менаџер од Capcom му бил даден контролер за да ја тестира играта, но конзолата на која играл била покриена со платно. Таа случка се одиграла во 1997 година. Менаџерот на Capcom почнал да ја игра реадаптацијата на играта, не бил особено воодушевен од графиката и гејмплејот. Но, кога го тргнале прекривот од конзолата, увидел дека воопшто не играл на 16-битна конзола како што претходно мислел, туку тоа било на Master System. По оваа случка, менаџментот на Capcom одлучил веднаш да ја издаде лиценцата.

TecToy беше мајстор во маркетингот и го доминираше пазарот во Бразил со 80% покриеност за видео игри. Nintendo се обиде да следи истиот модел, но TecToy беше премногу влијателен и паметен играч. Наскоро, Nintendo осозна дека мора да ги преиспита своите пристапи и фактот дека доживеа пораз од својот главен ривал, SEGA, и се тоа благодарение на чудесната TecToy.

Најновиот модел на MS кој сеуште се продава.

Сепак, TecToy не застана само на Master System; тие произведуваа и продаваа практично сè од асортиманот на SEGA. Проценките покажуваат дека до пред неколку години продавале дури до 150,000 единици годишно (најчесто Master System ре-адаптирани верзии). Денес, нивните продукти уште се продаваат и на некој начин го одржуваат духот на хардверот кој потекнува од легендарната и никогаш не заборавена SEGA.