Падот на индустријата за игри во 1983 година
Во 1983 година, индустријата за видео игри во Северна Америка доживеа спектакуларен колапс кој остави длабоки последици врз целиот сектор. Таа година, индустријата која се надеваше дека ќе биде незапирлива, наеднаш се најде на дното, со масовен пад на продажбите на игри и конзоли, затворање на десетици компании, и голем број продукциски студија. Некои ваквиот период го нарекуваа „Крајот на видео игрите”, а за други тоа беше само крајот на една епоха.
Причините за овој колапс се многубројни и комплексни, но една од најголемите беше заситеноста на пазарот. Во претходните години, бројот на компании кои произведуваа игри и конзоли беше во постојано зголемување, што доведе до презаситување на пазарот. Дел од вработените, кои беа задолжени за развој на нови игри во Атари, ја напуштија својата матична компанија и почнаа да произведуваат засебни игри кои беа компатибилни со достапните видео конзоли на пазарот. Ваквите игри не беа лиценцирани и со тоа нивните цени беа ниски. Овој бизнис концепт беше копиран и од други, и наскоро полиците на маркетите беа преполни со најразлични нелиценцирани игри.
Игрите најчесто беа ниско квалитетни, но не само нелиценцираните, туку и официјалните игри беа лоши и резултираа со загуба на довербата кај потрошувачите. Тука би истакнал два наслови кои негативно влијаеа врз очекувањата на потрошувачите, а тоа се „PAC-MAN” и „E.T.” издадени од страна на Атари.
„PAC-MAN” беше помпезно најавувана од страна на оваа компанија со маркетинг стратегија која ветуваше дека играта ќе нуди приближно искуство како и аркадната верзија, но тоа не беше така! Атари во тоа време имале издадено 10 милиони единици од својата најпопуларна видео конзола Atari 2600, а произведоа дури 12 милиони копии од играта „PAC-MAN”. Тие веруваа дека играта ќе биде хит и ја издадоа уште додека била во фаза на прототип, но потрошувачите не беа задоволни од тоа како таа изгледала и функционирала. Иако се продадоа некаде околу 5 милиони примероци, довербата на лојалните потрошувачи беше сериозно разнишана, а како капак на се беше и тоталниот скандалозен неуспех на „E.T”.
Играта “E.T. the Extra-Terrestrial” беше толку неуспешна што компанијата Атари мораше да закопа голем дел од произведените копии во пустина. Овој настан значително ја уназади репутацијата на индустријата и доведе до загуба на довербата кај потрошувачите.
Друга значајна причина за колапсот беше и големата експанзија на личниот компјутер како платформа за игри. Компјутерите, кои во тоа време почнаа да проникнуваат во домовите, започнаа да бидат користени за игри, оваа нова појава го разреди пазарот и ги измести конзолите од центарот на вниманието.
Во одговор на овој колапс, многу компании пропаднаа, вклучувајќи ги и познатите брендови како Coleco и Magnavox. Оние кои останаа во индустријата мораа да се приспособат на новата реалност, фокусирајќи се на креативноста, квалитетот и иновациите.
Вредно е да се напомене дека, иако Coleco релативно добро ја преброди кризата во 1983 година, но поради лошата изработка на можеби “најлошиот” компјутер некогаш произведен под името „Adam”, компанијата се соочи со сериозни финансиски проблеми и на крајот прогласи банкрот.
Атари, која до тоа време важеше како најголем играч во оваа индустрија, претрпе голем удар, со загуба од преку 500 милиони долари. На крајот, Атари не успеа да се опорави од овој удар и во наредните години полека исчезнуваше од пазарот на видео игри.
Иако падот на индустријата за видео игри во Северна Америка во 1983 година беше голем и тежок, сепак тоа не беше крајот. Постепено, индустријата се врати и процвета, претворајќи се во еден од најголемите и најпрофитабилните сектори во светот на денешницата. Овој период на колапс можеби беше потребен како поука компаниите да посветат повеќе внимание врз квалитетот и лиценцирањето на игрите.