НовостиХардвер

Гледајте филмови со MovieCart на вашиот Atari 2600

Додека сите нови видео конзоли располагаат со вградени можности или софтвер за гледање на филмови, во минатото ваквите опции скоро и да не биле замисливи, особено не за играчките конзоли од втората генерација.

Сега, поради напредокот во технологијата и конкретно трудот на креаторот Lodef Mode , што неодамна го разви MovieCart, имаме можност да гледаме видео записи на Atari 2600, играчка конзола која датира дури од 70-тите години на минатиот век.

Квалитетот на видеото не е баш најдобар, што е и очекувано, бидејќи резолуцијата на прикажување изнесува само 80*192 пиксели. Сепак, и покрај сите ограничувања кои ги има оваа конзола, неверојатен е фактот дека може да се гледа филм на истата.

За да можете да гледате видео, претходно мора да го прилагодите форматот и соодветно конвертираното видео да го снимите на Micro SD картица.

MovieCart пакетот вклучува целосно склопена PCB плоча, SD-картичка со снимена содржина „Night of the Living Dead“ и две налепници. Моменталната цена е 25 долари, а во него засега не е вклучен пластичниот кертриџ. Ако сакате да имате автентичниот изглед на Atari кертриџ, претпоставуваме дека треба да жртвувате некоја стара Atari 2600 игра или сами да ги направите пластичните делови, користејќи 3D печатач.