Новости

Оригинални и досега невидени слики од никогаш не објавената ‘Sonic X-treme’ за SEGA Saturn

Неодамна на Twitter од страна на SEGA Forever беа објавени неколку оригинални слики (скриншоти) од откажаната игра за SEGA Saturn – ‘Sonic X-treme’.

Во доцните 90-ти, SEGA се соочи со значителни предизвици. Лансирањето на Sega Saturn беше исполнето со конфузија пред се во маркетингот и пазарната стратегија. Kомпанијата се соочуваше со потешкотии поврзани со преминот од 2D во 3D игри. Дополнително, Sega of America направи грешка со тоа што се фокусира на продолжување на животниот век на Sega Genesis, предизвикувајќи одложување на појавата на Saturn на западните пазари.

Додека многу фактори придонесоа за неуспехот на Sega Saturn, некои веруваат дека отсуството на главната игра Sonic the Hedgehog на платформата одигра значајна улога. Sonic X-treme беше наменетa да ја пополни оваа празнина и да послужи како наследник на Sonic 3 & Knuckles.

Развојот на Sonic X-treme започна веднаш по завршувањето на Sonic 3 & Knuckles, првично наменета за Genesis/Mega Drive. Проектот на крајот се префрли на 32X пред да се адаптира за Saturn. Со текот на времето, играта еволуираше во хибрид од 2D во 3D игра.

Според објавата на SEGA Forever, ова се оригиналните слики од самата играта во акција, кои биле наменети за употреба во промотивен материјал и натписи од списанија.

Играта се развивала во Техничкиот институт SEGA во САД, бидејќи Sonic Team во тоа време беше зафатен со работа на NIGHTS и други проекти, и како резултат на тоа настанале голем број на грешки поради притисокот кој го имале програмерите надополнет со кратките рокови и противењето на Yuji Naka кој го фаворизирал проектот ‘NIGHTS’. На крајот играта Sonic X-treme била откажана, што е навистина штета, бидејќи секако ќе било интересно да се игра Sonic во 3D со сите визуелни ефекти кои што може да се забележат на сликите каде можете да видите голем број непријатели кои биле планирани за играта, како и две специфични фази и користење на еден од новите потези на Sonic за играта, Spin Slash. Има прстени натрупани низ геометријата на сцените, што укажува на еден од триковите за играње на проектот – да може да се пробива по ѕидови и камерата да ве следи додека одите.

Секогаш е убаво да се види висококвалитетен материјал од трезорот на SEGA, а уште подобро е кога се појавува одамна изгубена содржина во врска со необјавените игри. Ја цениме работата на SEGA Forever да ги информира фановите за прекрасните нови медиуми како овој, и се надеваме дека во иднина ќе споделат уште вакви работи од нивната богата историја.