Видови на слотови за графички картички (1974 – 2004)
Доколку сте љубител на ретро компјутери сигурно сте сретнале повеќе видови на слотови и видео картички кои се разликуваат една од друга.
Графичките или видео картици имаат за задача да генерираат видео сигнал преку вашиот монитор. Постојат два типа: дискретна видео картица која доаѓа како посебен уред и интегрирана која користи дел од процесорската моќ на главниот процесор. Овде ќе се осврнеме на дискретните видео картици, поточно на различните типови на слотови кои постојат за нив и како визуелно да ги идентификувате.
Што се однесува до слотовите за видео картички истите претставуваат ‘лежишта’- магистрали во кои има вградено повеќе метални ‘пинови’ кои пак имаат за задача да вршат пренос и примање на податоци од компјутерот до уредот кој е приклучен на слотот. Исто така потребно е да се напомне дека на некои од овие слотови може да се приклучат и други уреди освен видео картици .
Денес најпознат и најупотребуван е PCIe слотот, но, во минатото се појавиле многу различни верзии/стандарди и на кратко ќе се навратиме на самите почетоци за да видиме какви се типови на слотови постојат и кои се нивните карактеристики.
Во прилог ви ги прикажуваме хронолошки подредени видовите на слотови кои овозможуваат поврзување на графичките карти со матичната плоча:
- S-100 bus: Дизајниран во 1974 како дел од Altair 8800, претставува првиот стандард во компјутерската индустрија .
- ISA: Воведен во 1981 година од страна IBM, стана доминантен стандард на пазарот во 1980-тите. Постојат две верзии: 8 и 16-битна магистрала со такт на 8 MHz.
- NuBus: Користен на Macintosh II, претставува 32-битна магистрала со просечна ширина на опсег од 10 до 20 MB/s.
- MCA: Воведенa во 1987 година од IBM, е 32-битна магистрала со такт на 10 MHz.
- EISA: Објавен во 1988 година за да се натпреварува со MCA на IBM, истиот е компатибилен со претходниот ISA стандард, и всушност претставува 32-битна магистрала со такт од 8,33 MHz.
- VLB: Екстензија на ISA, ова е 32-битна магистрала со такт на 33 MHz. Исто така познат како VESA.
- PCI: Е “убиецот” на EISA, ISA, MCA и VESA од 1993 година па наваму. PCI овозможи динамично поврзување помеѓу уредите, избегнувајќи ги рачните прилагодувања за кои беа потребни џемперите вградени на матичната плоча или на самата видео картичка. PCI има 32-битна магистрала со такт на 33 MHz.
- UPA: Архитектура на магистралата за интерконекција воведена од Sun Microsystems во 1995 година. Тоа е 64-битна магистрала со такт на 67 или 83 MHz.
- USB: Иако најчесто се користи за разни уреди, како што се секундарни уреди за складирање или периферни уреди и контролери, постојат USB дисплеи и адаптери за дисплеј. За прв пат е користен во 1996 година.
- AGP: Прва употреба во 1997 година, ова е слот посветен исклучиво за графика. Располага 32-битна магистрала со такт на 66 MHz
- PCI-X: претставува екстензија на PCI магистралата, воведена е во 1998 година. Тоа го подобрува PCI со проширување на ширината на магистралата до 64 бита и фреквенција до 133 MHz.
- PCI Express: Скратено како PCIe, ова е интерфејс објавен во 2004 година. Во 2006 година, успеа да обезбеди стапка на пренос на податоци која е двојно поголема од AGP. Но да нема забуни, ова не е PCI-X, всушност PCI Express е подобрена верзија на оригиналниот PCI стандард, кој е користен за повеќето модерни графички картички.