Хардвер

NES Zapper vs Sega Light Phaser, кој е подобар?

Еден од главните аксесоари и маркетинг адути на најпознатите 8-битни конзоли ‘NES и Sega Master System’ беа нивните ‘Light Guns’ или светлосни пиштоли.

Навистина беше “фора” да се пука со ваков пиштол, од пајки па се до гангстери забавата беше бескрајна. Повеќето од нас благодарение на ‘famiclon’ ги имавме овие уреди по дома, но што се однесува до светлосниот пиштол на SMS, наречен Light Phaser ситуацијата беше поинаква и ретко кој знаеше и го имаше овој уред во тоа време. Но, овде ќе зборуваме за оригиналниот светлосен пиштол за Nintendo NES – Zapper и тој на SEGA – Light Phaser, и кој е всушност подобар од овие два модели.

NES Zapper

Светлосниот пиштол на Nintendo, NES – Zapper има две верзии, првата верзија е објавена во 1985 година во сива боја и подоцна поради законските регулативи во 1989 година доаѓа и втора верзија, односно во портокалова боја. Всушност промената на бојата се должи поради фактот што законските регулативи во САД налагаат сите играчки налик вистинско оружје да имаат дистинктивна боја по која ќе бидат лесно разликувани од вистинското оружје.

Како и повеќето од нас и јас лично израснав со копија на ‘famiclon- Zapper’, но пред повеќе години имав можност да го набавам оригиналниот хардвер и ова се моите впечатоци.

Уредот убаво ‘лежи’ во рака, и за разлика од неговиот конкурент Light Phaser е релативно потежок, но тоа не претставува пречка додека играте. Ми се допаѓа тоа што нишанот е јасно изразен и прегледен, квалитетот на изработка е одличен, вклучувајќи го тука и надворешниот дизајн. Навистина остава добар прв впечаток, се додека не почнете да го користите чкрапалото. Истото е прилично гласно кога го притискате, посебно кога сакате да пукате рафално во подолг интервал знае да биде бавно и не многу комфорно за користење. Откако го набавив оригиналниот Zapper секако очекував тој да биде подобар во квалитет на изработка од копиите кои ги имав, но бев изненаден од неговата недоволна прецизност! Да, всушност овој уред беше попрецизен од неговата копија, но не за многу, генерално би рекол дека Zapper има просечна прецизност, што донекаде и е оправдано ако се земе предвид дека овој уред припаѓа меѓу првите од овој тип.

Што се однесува до игрите, постојат 17 лиценцирани и 7 не-лиценцирани наслови кои подржуваат NES – Zapper.

Лиценцирани игри:

  • The Adventures of Bayou Billy (gun optional)
  • Barker Bill’s Trick Shooting
  • Day Dreamin’ Davey (gun optional)
  • Duck Hunt
  • Freedom Force[
  • Gotcha! The Sport! (requires gun and controller)
  • Gumshoe
  • Hogan’s Alley
  • Laser Invasion (gun optional)
  • The Lone Ranger (gun optional)
  • Mechanized Attack (gun optional)
  • Operation Wolf (gun optional)
  • Shooting Range
  • Space Shadow (Hyper Shot required)
  • To the Earth
  • Track & Field II (gun compatible)
  • Wild Gunman

Нелиценцирани:

  • 3-in-1 Supergun
  • Baby Boomer (gun optional)
  • Blood of Jurassic[citation needed]
  • Chiller
  • Strike Wolf (gun optional)
  • Super Russian Roulette (requires gun and controller; Zapper does not interact with display, so is compatible regardless of the screen)
  • Crime Busters

Игрите во глобала се потпросечни, на сите ни се добро познати: Duck Hunt, Hogan’s Alley, Shooting Range и сл, и јас лично ги имам играно поголемиот дел од достапните наслови. Но, денес некако не ми оставаат голем впечаток или ако сакате не ми прoјавуваат чувство на компетативност или предизвик да седнам и да ги играм подолго време. Во глобала NES – Zapper светлосниот пиштол е добро изработен и издржлив уред, со просечна прецизност и ајде да речеме солидна база на игри. Уредот вреди да се поседува, а и игрите не се нешто претерано скапи, така да ако сте во можност да го набавите по пристојна цена секако дека би ви го препорачал да го сторите тоа.

Light Phaser

И како што бива главниот конкурент на Nintendo- NES, т.е SEGA – Master System , не изостави а да не се натпреварува и во овој сегмент на светлосни уреди и тоа преку својот адут, односно светлосниот фејзер или Light Phaser објавен во 1986 година.

Кај нас ретко кој го имаше овој светлосен пиштол, па така и јас набавив примерок дури пред некоја година и ова се моите впечатоци.

Прво што приметувате е тоа колку всушност е лесен овој уред, ова го сметам како бонус, бидејќи ако играте подолго време оваа особина знае да биде прилично важна. Но, што се однесува до самиот дизајн, лично мене не ми се допаѓа како тоа изгледа. Од прва, некако чудно стои во рака, но подоцна се навикнувате, а пак чкрапалото делува доста добро и лесно за употреба. Од искуството кое го имав со неговиот конкурент Zapper очекував слична или полоша прецизност, но всушност Light Phaser пријатно ме изненади и слободно можам да констатирам дека има натпросечна прецизност и дури и би го споредил со уреди од поновите генерации. Само за илустрација со овој светлосен пиштол успешно може да погодите и мали/споредни предмети во игрите, како шишиња, шешири, лименки и др.

Дизајнот има црна боја, со одредени варијации кои имаат портокалов врв поради законските регулативи кои ги споменав претходно. Тука би сакал да издвојам една ситуација која јасно зборува зошто треба да постојат вакви регулативи. Пред повеќе од 10-тина години во Бразил се случи заложничка драма во која една жена беше држена како заложник повеќе од 10 часа од страна на човек “вооружен” со Light Phaser. Поради црната боја полицијата не била во можност да утврди дали станува збор за играчка или вистинско оружје и после повеќе часовното случување, човекот се предал на полицијата, додека 60-годишната жена успешно ја преживеала целата ситуација. 🙂

Но, да се навратиме на темата, односно да позборуваме за игрите кои подржуваат Light Phaser, а тоа се:

  • Assault City (Gun Optional)
  • Gangster Town (Gun Required)
  • Laser Ghost (Optional)
  • Marksman Shooting (Required)
  • Missile Defense 3-D (Required)
  • Operation: Wolf (Required)
  • Rambo III (Required)
  • Rescue Mission (Required)
  • Safari Hunt (Required, Available packaged with the Light Phaser as a Master System pack in title)
  • Shooting Gallery (Required)
  • Space Gun (Required)
  • Trap Shooting (Required)
  • Wanted! (Required)

Иако се помалку во број за разлика од тие на Nintendo, би ги издвоил игрите како: Gangster Town, Marksman Shooting и Wanted. Овие игри се тие кои ми оставија добар впечаток и каде што доаѓа до израз целосниот потенцијал на овој светлосен пиштол, т.е неговата прецизност. Игрите иако се кратки, воопшто не се досадни, дури и кога сте на стрелиште, предизвик ви е да погодите што повеќе мети за одредено време и имате чувство како да сте на вежби за подготовка на полициска академија. 🙂

Како краен заклучок и двата светлосни пиштоли се добри, но Light Phaser е подобар! Адутот на SEGA е видно попрецизен, и иако нема многу игри на располагање има неколку наслови кои се прилично добри и одлично адаптирани за овој светлосен уред.