Хардвер

AliExpress лаптоп со Intel 8088 CPU!?

Сите модерни компјутери на Intel и AMD можат да ги следат своите корени до еден единствен систем, а тоа е персоналниот компјутер IBM. Првично објавен во август 1981 година, овој компјутер стана толку популарен и долготраен што конкурентите му направија (reverse) инженеринг на неговиот BIOS за нивните компјутери да можат да го користат истиот софтвер, вклучувајќи и периферни уреди, практика што на крајот резултираше како стандард во компјутерската индустрија која се користи и до ден денес.

Ако сакате да искусите како беше користењето на стар компјутер на IBM, можете да фрлите неколку стотици долари на користен на eBay. Или можете да да ризикувате со овој нов необичен лаптоп на AliExpress. Лаптопот „Book 8088“ комбинира модерни компоненти со процесор Intel 8088 и 640 KB меморија, плус повеќе модерни удобности како, 640×200 LCD екран со 16 бои и вградени интерфејси што овозможуваат подршка на USB додатоци и CompactFlash картички за интерфејс со старите компоненти (512MB CompactFlash картичка служи како хард диск на системот).

8088 на Интел e варијанта на оригиналниот 8086 со 8-битна магистрала за податоци, во Book 8088 истиот работи со такт од 4,77 MHz. Таа бавна брзина и ниското ограничување на меморијата значи дека најдобро одговара на MS-DOS оперативен систем, со неговиот едноставен интерфејс базиран на текст е совршен за овој лаптоп. Можете да стартувате и некоја од многу раните верзии на Windows на него, пример до верзијата 3.0, но, искрено не се препорачува тоа.

Постојат неколку додатоци наменети за проширување на можностите на Book 8088, како за пример тој има отворен приклучок за копроцесор 8087 floating-point, додаток за звучна картичка компатибилен со Sound Blaster од Yamaha и надворешен приклучок со три слота за ISA картички.

Но, постојат причини да се биде скептичен во врска со овој компјутер, а истражувањето покажа многу малку за компанијата што ги прави овие компјутери. Сликите се припишуваат на Xinrui technology, производител со седиште во Хонг Конг кој главно се чини дека произведува евтини компјутерски додатоци и AV опрема, но чија (многу стара) страница не го спомнува никаде Book 8088.

Кој и да ги прави овие лаптопи не прави многу од нив, основната верзија од 200 долари без дополнителна опрема е распродадена, како и верзијата со вклучен копроцесор 8087. Тоа значи дека постои интерес за овој уред, но нема никакви достапни повратни информации од купувачите!?

Очигледно, не треба да купувате лаптоп со 8088 за да доживеете какви било искуства од деновите на MS-DOS ерата. Сајтовите како PCjs Machines ќе го имитираат оригиналниот IBM PC директно во прозорецот на вашиот прелистувач, комплетиран со софтвер соодветен за периодот. Повеќето луѓе можат да активираат еден од овие емулатори и за половина час и да научат сè што им треба за ретрокомпјутерството. 🙂 Но, за тврдокорните кои бараат искуство со метален хардвер, ова би можело да биде уреден начин да се добие функционалноста на IBM PC во пакет што зафаќа значително помалку простор.