Хардвер

Dreamcast OnLine – почетоците на мрежното играње игри преку конзолa

Пристапот до интернет и играње на игри онлајн преку видео конзола е концепт кој денес е целосно развиен и добро естаблиран, но вистинските почетоци на овој тренд започнуваат со појавата на Dreamcast во 1998 година. Всушнот оваа конзола на SEGA беше првата која доаѓаше со вграден модем и фокусот на компанијата беше да го искорити подемот на интернетот и мрежното играње игри. Од страна на SEGA беа лансирани неколку сервиси, и тоа за: С. Америка, Европа, Јапонија, Австралија и тн. преку кои корисниците можеа да се превземаат различни содржини на мемориската единица VMU. Вградениот модем од 54kb/s, што уште во тоа време се покажа како не адекватен и бавен набрзо беше заменет со широкопојасен адаптер, кој беше достапен само за јапонскиот пазар. Поради краткиот век на самата конзола, целиот концепт скоро целосно згасна со престанокот на производството на Dreamcast во 2001 година. Во наредните години активните сервиси постепено беа исклучувани, но сепак тоа не беше и крајот на целата приказна. Денес постојат приватни сервери на кои може да се приклучите, истите се одржувани од ентузијасти и притоа најчесто ви е потребен соодветен софтвер и мрежен адаптер за да сурфате на интернет или да играте игри. Постојат два најпознати начини за да се поврзете онлајн, а тоа се преку употреба на погоре наведениот адаптер или специјално конфигуриран Raspberry Pi уред. Исто така треба да се снимите специјален софтвер за да може да се пристапи до одредени веб страни кои се креирани за оваа конзола. Иако сето ова звучи комплицирано и скапо, сепак е вредно да се напомене дека онлајн функционалноста на Dreamcast и ден денес е оперативна и може да играте мрежно, доколку имате среќа може да начекате други играчи или пак претходно се договорите и да изиграте некоја партија на активните (приватни) сервери. Најпопуларни игри кои може да се играат мрежно се: Phantasy Star Online Ver. 1 и Phantasy Star Online Ver. 2, Sega Swirl, 4×4 Evolution, Quake III Arena, Maximum Pool, Planet Ring, Toy Racer, Starlancer, ChuChu Rocket!, The Next Tetris On-line Edition и др.

Е сега малку да позборувам за моето искуство со оваа конзола и првите почетоци со интернетот кои ги имав. Моето прво запознавање со WWW или интернетот беше на крајот на 90-тите години благодарение на неколкуте интернет кафулиња кои беа новитет во градот. Бидејќи немав компјутер, а притоа имав Dreamcast едноставно мораше да најдам начин да го поврзам онлајн. Некаде во 2000/01год. со помош на мојот другар Александар успеавме да се поврземе преку телефонска линија или dial-up и се сеќавам дека username и password беа posta/posta. Ништо комплицирано доколку го имавте Dream Key софтверот кој доаѓаше со конзолата на посебно ЦД и служеше токму за таа намена, да го поврзете вашиот Dreamcast на интернет и да пристапите до овластените сервери (сервиси) за да ги користите нивните услуги. За Европа беше Dreamarena, но не можам да се сетам точно дали во тоа време беше активна и дали можеше да се пристапи од Македонија. Но тоа не ми беше важно, генерално како и сите ме интересираше “сурфањето” на глобалната мрежа.

Како што напоменав конзолата имаше модем 54kb/s, но прелистувањето на веб содржини беше премногу бавно. Веб страните се отвараа постапно, како рендер (дел по дел) и навистина трбаше да се има трпение, но и покрај бавното работење, да се биде онлајн во 2000 година и тоа од дома беше премија!

Ваквиот “луксуз” чинеше 1 денар 1 минута, и на крај од месецот по дома кавги кога ќе дојдеше сметката. 🙂 Штета што никогаш не пробав да играм игра мрежно, но не сум сигурен колку и дали некој од насловите што ги имав тогаш подржуваа ваква опција. После кратко време купив компјутер и Dremcastot не беше повеќе привлечен за поврзување на интернет, но од време на време знаев да се приклучам иако немав тастатура и глушец, сурфањето преку контролер ми беше на некој начин интересно. Но нај интересна случка ми била кога на школо не ми веруваа дека е можно преку видео конзола да се приклучите на интернет, па мораше дел од неверниците 😀 да дојдат кај мене дома и да се уверат на лице место дека тоа е возможно, односно дека не е лага! Во секој случај интересни времиња, со интересни предизвици, голема штета што SEGA не успеа до крај да го реализира својот проект, но сонот продолжи да живее!