Хардвер

Колекционерство на рачни конзоли (дали воопшто вреди)

Лично како голем љубител на рачни конзоли посебно ретро модели, во одредени моменти се запрашувам дали воопшто вреди да се инвестира во овие уреди и дали моменталните цени се во соодност со реалноста.

За да ги разграничиме поимите овде ќе зборувам за рачни или така наречени handheld-преносливи конзоли, на кои може да се прикачат повеќе од една игра, значи нема да се зборува за ЛЦД обичните игри.

Пазарот на рачни конзоли беше и е контролиран од два главни играчи: Nintenedo и Sony, секако во минатото тука беа и SEGA, Atari, Neo Geo и слично, но денес само прво споменатите компании се останати активни.

Рачните конзоли како уреди, не може да се споредуваат со класичните ТВ конзоли (системи) бидејќи на почетокот тие беа замислени и изработувани како нивни преносливи и поевтини варијанти. Значи, истите се кревки, лесно кршливи, лесно подложни на оштетувања и слично. Не се како на пример SNES или Mega Drive, да го удриш од земја и пак да работи. 🙂

Главните проблеми на првите уреди од ваквиот тип беа нивните екрани и големата потрошувачка на енергија (трошење на батериите). До ден денес имам сервисирано многу рачни конзоли, најчесто на нинтендо и скоро секоја втора има деградација на екранот и корозија предизвикана од заборавени батерии и влага. Проблемот со корозијата релативно лесно се решава, ама онај со екраните и не баш! Денес за овие проблеми поврзани со екраните (зависно кој модел) има достапни решенија на повидок, а тоа се заменски подобрени ЛЦД екрани кои чинат повеќе и од самата конзола, така да колку е исплатливо да купите таков нов екран зависи од самите вас. Но, покрај овие проблеми голем број на конзолите кои биле произведени во почетокот на 90-тите години работат и до ден денес и би рекол дека вреди да се инвестира во колекционерство на ваквите уреди.

Бидејќи еден од проблемите кои ги наведов беше големата поторшувачка на енергија (батерии) Nintendo ја извади нивната прва верзија со вградена литиумска батерија, а тоа беше Advance SP. И секако, тоа беше полн погодок, заврши ерата на менување батерии, гасење на екран среде игра и слично. Од страна на Nintendo завршија одлична работа, сите батерии до NDS верзиите испаднаа релативно квалитетни и издржливи, но не и бескрајни!

Е тука се јавува проблемот со вградените батерии, имаат одреден рок на траење и кога ќе им истече ако не можете да најдете заменска оригинална батерија уредот нема повеќе примена (освен да го играте на адапер) што според мене ја губи самата смисла на портабл/пренослива конзола. Исто така да не заборавиме дека некои уреди мора да имаат батерија во нив за да работат на адаптер, нешто што уште повеќе ја комплицира работата.

Но, не е ова проблем само на Nintendo, дали се сеќавате дека пред неколку години имаше еден куп PSP на огласите, по релативно ниски цени, каде се сега тие? Едвај да видите да продава некој PSP, и ако продава цената е дупло повисока, а батеријата претпоставувам не држи повеќе од половина час. Вака е со сите уреди денес, почнувајќи од паметни часовници, бежични слушалки, тастатури и слично. Кога батеријата ќе се расипе уредот оди во канта, значи е ограничен од рокот на траење на самата батерија.

Да биде се уште посложено, новите конзоли имаат батерии со чипови во нив, за уште повеќе да го отежнат процесот да ја замените батеријата со копија на пример, а од друга страна оригиналните батерии се скапи и не толку достапни.

Сепак да се навратиме на постарите рачни конзоли кои имаат вградени батерии, еве на пример денес гледам дека на мојoт Advance SP батеријата е подуена, и што е следно? Имам неколку опции на располагање: да барам оригинална-половна од некој друг уред (нови не се прават повеќе), да адаптирам некоја сосема друга батерија или да порачам кинеска копија. Од сите опции таа со кинеската копија ми звучи најдобро, порачувам три батерии и една само стигнува!

Ако не сте знаеле, батерии декларирани на пратка не се праќаат по пошта, но бидејќи кинезиве се многу инвентивни пишуваат лажни информации на пратките за истите да поминат на царина. И добро, ете од три една ќе стигне, и таман мислите сте го решиле проблемот набрзо ќе откриете дека таа копија на батерија е обично ѓубре! Ако истера еден месец и да не се подуе или престане да работи сметајте дека добро сте поминале.

Ги следам цениве моментално на рачниве конзоли стари и нови, се отидено до таван! Цената не соодејствува ни со реалната вредност на уредот, ни со реалната цена на пазарот, ниту пак со бранот на носталгија што го вивна ова колекционерство во облаците. Сите овие уреди кои имаат вградени батерии без разлика дали се произведени во 2001 или 2021 год. заависат од квалитетот и издржливоста на батеријата. PSP на пример не успеа да дотурка ни како децениска конзола, за разлика од на пример NDS. Огласи за овие конзоли од по неколки илјади денари конкретно на нашиот пазар се ловење во матно, сите како да го занемариле фактот дека после година, две кога ќе нема да може да се најде заменска батерија овие конзоли ќе може да служат само како потпирачи за врата. Или само погледнете ги куповите стари телефони по локалните пазари, ни еден нема батерија, само купишта телефони без никаква функција. Според мене дискутабилно е да се вложува голема сума на пари на рачни конзоли кои знаеш дека имаат ограничен (краток) рок на траење. Да беа цените нешто по нормални, ајде ќе речеш ОК ќе купам, но како што е сега ситуацијата, едноставно некако не вреди да се инвестира многу пари, посебно во ајде да речам поновиве рачни конзоли кои кај да е за едно 10-тина година и тие ќе ги сметаме за ретро. 🙂