Се продава 24К позлатеното Wii наменето за кралицата Елизабета II
Деновиве на аукција осамна позлатено Nintendo Wii со 24 каратно злато кое било наменето за кралицата Елизабета втора.
Приказната со оваа позлатена конзола започнува во 2009 година, кога сега веќе непостоечкиот развивач на софтвер и воедно издавачка куќа THQ нарачува позлатено Nintendo Wii да биде доставено до Бакингемската палата како дел од маркетинг трик наменет за промовирање на нивната нова игра, BIG Family Games, Wii игра составена од 24 класични мини семејни игри. Тогаш Даниел Робинсон, менаџер за производи на THQ во тоа време, велел дека „BIG Family Games” е врвна игра за Wii која има за цел да ги натера сите членови на семејството, од баби и дедовци до мали деца, да играат заедно. Кралското семејство е веројатно најважното семејство во земјата, па сметавме дека тие мора да имаат копија од новата игра. Но, мислевме дека Нејзиното Височество Кралицата не сака да игра на некоја стара конзола, па затоа беше нарачана екстра-специјална, односно златна конзола.
Но, не испаднало се како што менаџерот и тимот на THQ посакувале, самата конзола никогаш не завршила во Бакингемската палата, односно пратката била одбиена од страна на службата за обезбедување како потенцијален безбедносен ризик, или пак едноставно кралицата не е по видео игри. 🙂 Подоцна THQ се соочува со банкрот и самата конзола била изгубена повеќе од една декада, се додека не завршила во рацете на приватен колекционер кој сега ја продава на аукција (моменталната цена е 3200 $).
Но, самиот продавач не е 100% сигурен во автентичноста на конзолата бидејќи од THQ не е возможно да се добие потврден одговор дали станува збор за вистинскиот хардвер. Од друга страна пак тешко е и да се утврди чистотата на златото со кое е позлатено ова Wii, бидејќи истото е “загадено” т.е измешано со пластика. Сепак останува да се види колкава цена ќе достигне на крајот.