Kонзолата на една генерација – Ending-Man BS-500AS TERMINATOR 2
Деведесетите години од минатиот век (хух…звучи како многу одамна 🙂 ) беа години на премрежја и несигурности како во Македонија така и на целиот Балкан.
Ние како млада самостојна држава во екот на коруптивна транзиција и приватизација со огромен број невработено и сиромашно население, додека на 600km се водеше еден од најбруталните воени конфликти на Европско тло после Втора Светска Војна, бевме крајно изолирани и небитни за многу нешта па така и за една забавна индустрија која беше скоро и непостоечка на овие простори а тоа е гејминг светот и играчките конзоли.
Додека во САД и Зап. Европските земји 16bit конзоли Super Nintendo и SEGA Mega Drive се продаваа во милионски примероци а SEGA Saturn и PlayStation се промовираа на големо, кај нас една помалку заборавена генерција полека почнуваше да го преплавува пазарот и да влегува во сечиј еден дом нудејќи забава која дотогаш можеше да се искуси само во локалната флиперница.
Самиот регион на Источна и Југоисточна Европа беше тотално небитен за големите компании за видео игри, што поради неразвиениот економски пазар и пласманот на тие играчки конзоли па се до ниската куповна моќ која владееше во овие региони.
Сето тоа резултираше со појава на пиратски клон верзии од 8 битната Нинтендо конзола која просто го преплави овдешниот пазар и за мошне прифатлива цена нудеше неверојатна забава за куќни видео игри кои ќе влезат во скоро сечиј еден дом.
Се сеќавам како дете после долги натегања и убедувања со моите дома, конечно ми ја исполнија желбата и 1993год. за првпат ја добив најдобрата конзола на сите времиња Ending-Man BS-500 AS TERMINATOR 2!!!!
Во тоа време владееше еден феномен на купување од Бугарија преку таканаречени шопинг тури и за прилично малку пари можеа да се набават разно разни ствари, облека, електроника… па така после една среќна околност со добитен лоз 🙂 имав доволен аргумент дека од парите сакам да ми купат “Нинтендо” како што сите ги викавме тие конзоли, што во суштина тоа и претставуваа.
Ако добро се сеќавам за некои 30 германски марки беше купена конзолата заедно со уште 4-5 кертриџи. Иницијално радоста се претвори во длабоко разочарување!!!
Дотогаш имав видено само една верзија на bootleg Нинтендо а тоа беше клон верзијата од Јапонскиот Famicom така што кога го видов новиот дизајн на Terminator бев разочаран дека не ми го купиле тоа што сум го барал и посакувал. За среќа разочарувањето беше краткотрајно и веќе со првата игра увидов дека е во суштина истата конзола, па на крај испадна да бидам еден од ретките во друштвото што го поседува тој модел кој од денешен аспект ќе испадне како култен и најдолго опстојувачки на овие простори.
Следуваше период кога едвај чекав да дојдам од училиште како би уживал во огромниот број на 8bit Нинтендо наслови кои беа супер забавни. Самите кертриџи или дискети како што тогаш ги викавме почнаа да бидат се позастапени во разно разни продавници, се продаваа по панаѓури на пазар и сл. Се делеа на “обични” – кертриџ со повеќе игри и “филмувани” – кертриџ со една игра која обично важеше за поквалитетна и таквите керт.. овај дискети се продаваа поскапо.
Инаку Ending-Man BS-500 AS TERMINATOR 2 или Нинтендо Терминатор важи за еден од најдобрите клонови на NES. Првично произведена 1992год. со 8-bit MOS 6502 1.79 MHz Процесор 256 x 240 резолуција која репродуцира PAL/SECAM/NTSC сигнал и дизајн кој наликува на Sega MEGA DRIVE очигледно сакајќи да ги збуни потенцијалните купувачи
Самата конзола доаѓаше со главен main unit, 2 контролери со турбо дугмиња, light gun или пиштол, RF кабел и Струен Адаптер како и Жолт 60 пински кертриџ со игри на кој пишуваше 9.999.999 in 1 на кој всушност само мал број беа различни игри додека остатокот се само преименувани верзии на постоечките. Обично тоа беа популарни игри како што се: „Super Mario Bros“, “Duck Hunt” или “Battle City” која беше преименувана како “Tank 1990”, нешто што беше практика за многу наслови а се со цел за да се избегнат евентуални тужби од оргиналните издавачи.
Од поспецифичните додатоци кои следуваа со конзолата беа Антена која се монтираше на самата конзола и нудеше безжичен пренос/streaming на сигналот од конзолата преку кратки UHF фрекфенции па така што доколку живееш во зграда и комшијата до тебе игра на Терминатор можеше да пребараш на твојот телевизор, да го фатиш видео сигналот од неговата конзола и да гледаш како игра, своеврсен Тwitch од едно заборавено време 🙂
Дополнително конзолата доаѓаше со earbuds слушалки кои се приклучуваа на самиот контролер така што аудио сигналот од ТВ преку контролерот можеше да се префрли на самиот играч без притоа да сметате на околината околу вас. Конзола пред времето, нема што
Следуваше период на размена на игри бидејќи ми се чини не постоеше дете кое не поседуваше едно такво Нинтендо дома и барем неколку кертриџи. Се разменуваа искуства, се препродаваа дискети, се позајмуваа и не се враќаа, се крадеа….
Воглавно се уживаше во секој пиксел од тие игри и во тоа време.
Кон крајот на 1998/1999год. полека почна да навлегува феноменот наречен PlayStation кои со своите технички способности и 3D графиката која дотогаш ја гледавме само на Компјутери од 1500 Германски Марки па логично и пазарските нинтенда полека почнаа да паѓаат во заборав.
Паралелно SNES и Мega Drive почнаа да циркулираат кај одредени домаќинства кој ја има таа среќа да им ги донесат / набават од некоја од Западно Европските земји, за жал, кај нас, скоро и да немаше каде да се купат игри за тие конзоли.
Од друга страна пак PlayStation многу рано доби пиратерија и можноста за снимање/режење CD дискови и набавката на евтини игри беше главната причина за популаризација на PlayStation на овие простори.
Денес Пазарските Нинтенда а посебно Терминатор претставуваат едно убаво сеќавање за генерација која израсна и се забавуваше со нив низ 90тите години.
Запознавање со еден културен феномен кој прерасна и денес претставува една глобална ултимативна забава за сите возрасти.