Хардвер

[GB Advance-SP] Најдобра рачна конзола?

Кога станува збор за рачните конзоли секако неприкосновен играч на ова поле е Nintendo! Но и покрај тоа што има продадено и издадено најмногу рачни конзоли и нивни варијации, понекогаш се поставува прашањето која всушност е најдобрата конзола што оваа компанија некогаш ја произвела?

Како што знаеме се започна со оригиналниот GameBoy, но и покрај тоа што истиот се продаваше како “алва” сепак овој хардвер си имаше свои ограничувања, најчесто поврзани со самиот дисплеј, проблем што ќе се влече уште три генерации во иднината преку: GB Color и GB Advance.

Сите три системи имаат одлична библиотека од игри на располагање, но некако Nintendo не го испорачуваше тој совршен производ кој сите го чекаа.

За дури во 2003 година да го извади GameBoy Advance SP, надграден модел на претходната верзија со една многу клучна карактеристика, а тоа е позадинското осветлување! Навистина незнам дали им требаше толку време да извадат ваков модел после толку време, но монополската позиција на Nintendo во овој сегмент на пазарот сигурно им овозможуваше да си прават ама буквално што сакаат!

И што е тоа сега толку специјално кај SP моделот, кратенка која буквално значи “специјално”!? Како прво и главно е позадинското осветлување, кое не беше којзнае какво, но за разлика од претходните модели беше во прашање огромно подобрување од типот на “ден и ноќ”. Самиот дизајн беше целосно изменет и оваа конзола доби таканаречен “преклоп дизајн”, кој навистина совршено изгледа, а за компакноста ич да не правиме муабет. Батеријата имаше солиден век на траење и за разлика од претходните модели истата е литиумска и може да се полни. Екранот може да прикажува до 32.000 бои и има големина од 2.9 инчи со освежување од 50Hz. Резолуцијата е 240 х 160 пиксели, и има меморија од 32+96кб VRAM и 256кб DRAM и се тоа е процесирано преку 32-bit ARM7TDMI CPU.

Сите овие перформанси се добри, но исто една од главните карактеристики е тоа што овој модел е backward компатибилен, односно на него може да ги играте скоро сите до тогаш издадени игри за претходните верзии на GameBoy. Одеднаш монохроматските игри за првиот модел можеа да се играат во боја и секако тоа беше уште еден плус за се поголемата популарност на овој модел.

Продажбата не беше лоша и се продадоа 43.570.000 примероци, но Nintendo знаел лесно да го надмине овој број, ама сепак ако гледаме од технички аспект оваа е конзолата која беше со нетрпение очекувана и која го воведе овој сегмент на пазарот во новата ера. GB SP го поплочи патот за Nintendo DS и со тоа имаше огромно влијание во неговиот успех во годините кои следуваа.

Но и покрај сите овие работи да не ги заборавиме и одличните игри кои се појавија за GB Advance:

  • Metroid Fusion
  • The Legend Of Zelda: The Minish Cap
  • Advance Wars and Advance Wars 2
  • WarioWare, Inc.: Mega Microgames!
  • Castlevania: Aria Of Sorrow и многу други.

За на крај секако може да дебатираме дали е GB SP е најдобрата конзола на Nintendo, а можеби и воопшто! Предностите на овој систем секако се видливи и му одат во прилог, но едно е неспорно, а тоа е дека ова претставува парче хардвер кое остави голем траг во индустријата на видео игрите и фактот дека и ден денес добива разни преработки на некои игри кои беа издадени токму за него само говорат за популарноста на оваа рачна конзола.